5ти Септември 2017

Скопскиот аеродром граби кон целта од 2 милиони патници

Операторот на двата македонски меѓународни аеродроми ТАВ Македонија, предвидува дека веројатно ќе биде потребно проширување на капацитетот на скопскиот аеродром во наредните пет до десет години за да може да одговори на потребите од зголемениот број на патници кој, според нивните очекувања оваа година за првпат ќе ја надмине границата од два милиони патници. Сани Шенер, еден од основачите на компанијата и нејзин генерален менаџер во неодамнешното интервју за една македонска телевизија изјави „кога дојдовме имавме помалку од 700.000 патници во Скопје и само 30.000 патници во Охрид. Денес охридскиот аеродром опслужува 150.000 патници годишно, а во Скопје оваа година очекуваме преку два милиони патници.“

Во периодот јануари – јули, аеродромот „Александар Велики“ им посакал добредојде на 1.004.112 патници, што е за 7.8% повеќе во однос на истиот период минатата година или во апсолутни бројки за 72.547 патници повеќе. Аеродромот се очекува да продолжи со високите стапки на раст и во август како и во зимската сезона која следи потоа, со оглед на тоа дека на македонскиот пазар влегуваат „Qatar Airways“ и „Eurowings“, а ќе има и зголемени фреквенции и број на летови на тековните линии од страна на „Wizz Air“ и „Flydubai“. Од аеродромот засега не излегуваат со конкретна естимација за вкупниот број на патници кој го очекуваат оваа година, туку само тоа дека растот ќе биде далеку над европскиот просек. Откако минатата година ја надмина Љубљана по бројот на патници, оваа година скопскиот аеродром е во мртва трка со приштинскиот аеродром кој вообичаено е со далеку поголем број на патници, но оваа година разликата меѓу двата аеродроми е само 52.689 патници.

Инаку, новиот терминал на скопскиот аеродром кој беше изграден во 2011 г. има капацитет да опслужи околу четири милиони патници годишно. Оттогаш наваму „Александар Велики“ неколку пати има добиено престижни меѓународни награди за квалитетот на услугата која се нуди во категоријата до 2 милиони патници годишно, а неколку години по ред беше и најбрзо растечки аеродром во регионот.